Куртулија административците. Платите на вработените под државна капа нема да се кратат со ребалансот на буџетот. Дел од министрите на СДСМ и ДУИ извојуваа победа против сега екс премиерот Зоран Заев и министерката за финансии Нина Ангеловска кои беа за намалување на платите на административците. За претставниците на ДУИ во Владата кратењето на платите во администрацијата е тема која ја форсираа медиумите, но не и Владата.

„Таква тема не е ниту отворена. Дали ќе има кратење или не, тоа не е разгледано како можност“, рече Крешник Бектеши министер за економија.

„Потребно е да имаме политички консензус, а истиот во моментов го нема. Што значи дека во овој предлог ребаланс за сега нема вградено кратење на платите на јавната администрација“, изјави Нина Ангеловска министерка за финансии.

Ребалансот на буџетот ќе биде донесен до петок, бидејќи во недела истекува вонредната состојба, а потоа Владата нема да може да ја прекројува државната каса без Собранието, кое е распуштено. Со ребалансот ќе се зголеми расходната страна, вели Ангеловска, а тоа значи дека повеќе ќе се потроши од сегашните 3,9 милијарди евра. Министерката Ангеловска не сакаше да каже точна бројка. Кажа дека  кратење на средства ќе нема, туку само прераспределба од различни ставки.

„Има одредени реалокации од околу 30 милиони евра, што самите институции ги доставија. Но, сега се доусогласуваме, ако земеме предвид чинењето на мерките, тоа ќе каже колкава ќе биде расходната страна. Ќе има, би рекла, благо зголемување на расходната страна меѓутоа , не би кажала конкретна бројка“, додава Ангеловска.

Инаку, платите на административците нема да бидат чепнати во време кога повеќе од два месеци на работа не одат околу две третини вработени во државните и јавните институции. Во исто време поголемиот дел од компаниите од приватниот сектор веќе исплаќаат намалени плати на своите работници, а илјадници работници останаа без работа поради кризата.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...