Работници од фирмата „Шенција“ конечно се појавија во Албанскиот театар. Од денеска започнаа да го поправаат кровот кој прокисна по 10 милиони евра потрошени за реконструкција на зградата. Покривот се премачкуваше со хидроизолација која треба да спречи вода да капе на главната сцена.

„Вчера конечно се јавија од фирмата „Шенција“ за да го поправат кровот. Но, како и да е, ова нема да биде долготрајно решение за кровот. Ова е само за да се купи време. Периодот за реконструкција од шест години не го искористија како што треба“, рече Илбер Муртези, в.д. директор на Албански театар.

Претставници на фирмата која шест години ја реконструираше зградата, се појавија откако Муртези се закани со кривична пријава против нив ако не дојдат да ги поправат пропустите после реконструкцијата. Според директорот, „Шенција“, според договорот треба во следните две години и да го одржува Албанскиот театар.

Во 2018 – та година независни ревизори утврдија недоследности при реконструкцијата. Сега ревизија на целокупната тендерска документација треба да направи и Министерството за култура. Албанскиот театар се санира од 2014 – та година и беа пробиени сите зададени рокови за завршување на работите.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me

Loading...