Мастеркард и Виза се двете опции за изработка на платежните картички кои ги најави Владата. Не се исклучува можноста и двете компании да добијат дел од колачот. Од Владата велат дека се прават обиди трошоците да бидат на товар на тој што ќе ги изработува, во случајот Мастеркард или Виза. Нивниот бенефит ќе биде во вид на бесплатен маркетинг, бидејќи ќе треба да се изработат над 300 илјади картички на кои ќе легне државната помош за граѓаните.

„Поголемиот товар од работата ќе падне кај банките затоа што во суштина, тие ќе треба да изработат поголем дел од картичките во овој период. За Македонија ова е ново искуство и ние сме отворени за сите. Во овој момент со двете платформи се преговара, тие се заинтересирани, ние немаме склоност кон едната или кон другата“, рече Фатмир Битиќи владин советник за економија.

Иако од Владата се оптимисти за брзо реализирање на оваа мерка, дури денеска во Министерството за финансии, властите пред банкарите ја претставија мерката и како замислуваат да ја реализираат. Од Владата велат дека банките нема да имаат обврска да воведат нов софтвер за работа, бидејќи веќе издаваат картички. Од Македонската банкарска асоцијација засега молчат и не откриваат детали од средбата.

Но, извори за Алсат велат дека банкарскиот сектор кога чул што се бара од него за реализација на оваа мерка, изразил  многу скептицизам за овој владин проект. Банкарите се на став дека рокот од три недели за издавање на картичките во време на пандемија кога комерцијалните банки работата со намален број на службеници е прекраток. Дополнително, банкарскиот сектор смета дека тоа што технички го бара Владата е невозможно да се направи во зададениот рок.

Сѐ уште не се знае точната процедура како граѓаните ќе може да аплицираат за овие платежни картички. Властите уверуваат дека граѓаните нема да имаат потреба физички да се упатат до банките или други институции за да докажат дека ги исполнуваат критериумите.

Информациите од „Илинденска“  велат дека од Владата ќе им се јавуваат на граѓаните откако ќе ги исфилтрираат списоците. Ќе им ги кажат условите кои треба да ги исполнат и доколку граѓаните се согласат, ќе може да добијат платежна картичка.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...