Поплаките на угостителите и бизнисмените од малите и микро претпријатија за владата се само ширење паника и класична уцена. Вака министерот за економија Крешник Бектеши ги коментира негодувањата на дел од бизнис секторот во земјава за понудените владини економски мерки. Бектеши демантира  дека има голем број на отпуштени работници, дека се правеле паушални анализи, а не ја отфрла можноста и позади се да стои и политиканство од бизнисмените.

„Има стотици апликации за првиот јавен повик како што ја информираме јавноста, ние веќе сме ги надополниле средствата со дополнителни осум милиони евра. Го имавме предвид големиот интерес што го покажуваат компаниите од дејноста угостителство, туризам и транспорт“, рече Бектеши.

Министерот Бектеши тврди дека мерката исплата на минимална плата за приватниот сектор со пари од државната каса било токму барање од страна на сите стопански комори. Но од Туристичко угостителската комора вчера  најавија дека илјадници угостителски објекти нема да ги користат мерките на Владата со образложение дека тие се недоволни и селективни и со нив само ќе тонат во дополнително задолжување.

„Ние овде од сектор угостителство од сите градови сакаме да дадеме до знаење дека сме свесни оти подобри мерки нема да добиеме. Затоа сакаме да и соопштиме на Владата дека угостителскиот сектор, односно субјектите кои ги застапуваме нема да ги користат најавените мерки и дека средствата можат да ги насочат директно кон сите кои остануваат без работа или во сектори каде мислат дека ќе постигнат ефект“, рече Мартин Ангеловски од Туристичко угостителската комора на Македонија.

Од Владата како спас за економијата понудија без каматни кредити и субвенционирана минимална плата за секоја фирма која е погодена од корона кризата. Угостителите алармираа дека во моментов околу 60 отсто од работниот кадар од угостителскиот сектор е одјавен и е без никакви месечни примања.

Нивните пресметки се дека во угостителството без работа останале околу 15 илјади лица. И поголемиот дел од секторите кои нудат услуги за граѓаните тешко или воопшто не функционираат. Но, освен малите бизниси, поради заразени работници неколку фабрики од индустриските зони низ земјава ставија клуч на врата и неколку илјади вработени сега се дома.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...