Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеп Борел ќе допатува денеска во Косово, каде што со домаќините ќе разговара за дијалогот со Србија и нормализацијата на односите меѓу Приштина и Белград.

Според програмата на посетата, Борел во 12 часот ќе биде примен од претседателот на Косово Хашим Тачи во неговиот кабинет, а потоа во Собранието на Косово ќе се сретне со лидери на политичките партии.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во агендата на шефот на европската дипломатија не е предвидена средба со премиерот Рамуш Харадинај или со други претставници на косовската Влада во оставка.

Попладне Борел ќе отпатува за Призрен, каде што ќе се сретне со градоначалникот Митахер Хаскука и претставници на малцинските етнички заедници.

По Приштина, шпанскиот дипломат ќе отпатува за Белград, каде што ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ и други државни и политички претставници.

Во пресрет на оваа посета, Борел изјави дека ЕУ ја очекува многу работа за да се дојде до нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

– Со нетрпение ја чекам мојата прва официјална посета на Западен Балкан, што говори за нашата посветеност на европската перспектива на регионот, неговата стабилност, безбедност и просперитет. Ќе биде приоритет за време на мојот мандат и имајќи ја предвид мојата лична решеност за унапредување на дијалогот со посредство на ЕУ, сакав првин да ги посетам Косово и Србија во регионот. Ни претстои многу значајна работа, вклучително нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, изјави Борел.

Shpërndaj me

Loading...