Сто и пет милиони евра е сумата која владата реши да ја скрати од буџетите на министерствата и сите останати корисници на пари од државната каса. По три дена расправа во владата министрите конечно се договорија по колку од предвидените пари за трошење годинава ќе одвојат за помош на оние на кои им е најпотребно.

Најмногу настрада касата на Министерството за одбрана од каде ќе се распределат 25 милиони евра. Следуваат образование и труд. Ќе се кратат капитални инвестиции и останати трошоци кои Владата ги прогласи за неприоритетни.

„Овие 6,5 милијарди денари се распределени на соодветни програми, односно 5,9 програма  за финансиска поддршка на мерките за Ковид 19, 95 милиони се распределени за посебен фонд за  туристичкиот сектор. Мерка за самостојните уметници шест милиони денари. Триесет милиони денари за спортистите преку уредба на Агенција за млади и спорт“, рече Нина Ангеловска министерка за финансии.

Предлогот за зголемување на акцизата на горивата за два денари од страна на Стопанската комора е прифатлив за владата и ќе помогне во дополнително полнење на државната каса во ова кризно време, потврди Ангеловска.

„Работиме заедно со Царинската управа конкретно на предлогот и ќе излеземе со информација. Но, сметам дека ќе го прифатиме предлогот на Стопанската комора“, додава Ангеловска.

Ова значи дека ќе се зголеми цената на горивата која ќе ја плаќаат ем  граѓаните, ем превозниците. А, дел од парите за спас на економијата ќе мора да се добијат и по пат на издавање на нова еврообврзница. Министерката Ангеловска потврди дека се чека поволен термин за издавање сè со цел да се добијат добро услови за понатамошно враќање на парите. Процесот на издавање на еврообврзница трае од 40 до 60 дена и сега се разгледуваат сите сценарија.

„Не може да разговараме сега за каматната стапка бидејќи ако погледнете пазарот на капитал во ваква состојба не е виден за да може да предвидуваме. Не би сакала да калкулирам со бројки во однос на каматната стапка. Ако ги погледнете еврообврзниците кои се претходно издадени и ако видиме како се движат приносите, не би рекла дека сме во една лоша позиција денеска и очекуваме за кратко време таа позиција да биде подобра“, вели Ангеловска.

Информациите до кои дојде Алсат се дека до крајот на јуни земјава ќе издаде еврообврзница тешка 800 милиони евра, со рок на достасување до 10 години. Инаку, земјава бара и 176 милиони евра од ММФ и 80 милиони евра заем од Светската банка. Дополнително владата се обидува да добие кеш и од Европската Унија во висина до 100 милиони евра.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...