fbpx

Владата ги разгледува сите правни механизми како да ги санкционира компаниите кои се обидоа да ја злоупотребат државната финансиска помош наменета за работниците. Вицепремиерката за економија Мила Царовска денеска истакна дека казни ќе има и јавноста за тоа ќе биде информирана. Уште еднаш им порача на газдите кои ги задржаа државните пари, веднаш да ги уплатат на сметките на своите вработени.

„Ова е голем пропуст кој што е направен и секако санкционирање на компаниите ќе се случи. Во моментов Генералниот секретаријат на Владата ги разгледува правните можности, се покренуваат сите елементи коишто се можни“, вели Царовска.

За овој мега скандал кој веќе неколку дена предизвикува жестоки реакции во јавноста се огласи и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата се сомневаат дека објавениот список на фирми кои ја злоупотребиле владината мерка не е комплетен, туку дека недостасуваат компании кои се блиски на СДСМ. Од ВМРО-ДПМНЕ велат,  сомнежите да бидат поголеми се отвора прашањето:  зошто властите  презентираа различни суми, односно еднаш рекоа милион евра, за потоа сума да биде двојно помала или половина милион евра?

Синоќа владата ги објави сите фирми кои добија државна помош за исплата на минимална плата на вработените во висина од 14 500 денари. Првично УЈП објави дека станува збор за 708 компании кои останаа должни на своите вработени за месеците април и мај иако добија средстава за тоа од државната каса.

Но, со ажурираниот список владата објави само околу 200. Меѓу нив и се најде и телевизијата ТВ21, но од таму демантираа дека на вработените им биле исплатени платите но се доцнело со плаќање на придонесите. Потоа списокот беше ажуриран и оваа телевизија беше тргната од листата. Инаку, во најголем дел на списокот се  фирми од трговијата, градежништвото, транспортниот сектор, подготвка на храна и останати помали бизниси. Останува отворено прашањето дали фирмите кои ги снема од листите во меѓувреме ги исплатија вработените и се спасија од јавна објава на нивната фирма.

Дополнителни 3750 фирми незаконски во истиот период им ги скратиле минималните плати на своите вработени иако таа сума им била обезбедена од државниот буџет. Синдикалците веднаш излегоа со најостри обвинувања и за несовесните газди бараат кривична одговорност. Осуда дојде и од здруженија на работодавачи и стопански комори.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...