ВМРО-ДПМНЕ во „Проект обнова“, ветува нов општествен концепт по принципот на „единствена македонска нација“, кое според нив, ќе гарантира повеќе и права и демократија. За негово реализирање партијата најавува нов Устав или крупни измени кои ќе гарантираат „зачувување на унитарниот карактер на Македонија и уредување на меѓуетничките односи.“

„Нацијата е основата на секоја демократска држава и многу повеќе ги заштитува правата и слободите на сите, вклучително и на малцинствата отколку државите кои се изградени врз етнички поделени и конфликтни општества“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Експерти по уставно право сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ со поглавјето „Обнова на уставно-правниот и на политичкиот систем во Македонија“, има намера „обновата“ во таа област да ја направи врз нови термини и категории. Посочуваат дека преку поимот „единствена македонска нација“, опозициската партија има намера да воспостави нови односи меѓу етничките заедници кои се разликуваат од постојните.

Според нив неопходно е ВМРО-ДПМНЕ да каже на кој начин, преку кои институции и механизми имаат намера поделеното етничко општество во Македонија да го трансформираат во единствена македонска нација.

Наведениот поим претпоставува крупни промени во постојниот уставен систем вклучувајќи ги посебно одредбите на Уставот вградени под влијание на Рамковниот договор.

Потпретседателот на СДСМ, Коста Петров, за Алсат вели дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува да промовира политики на поделби, меѓуетнички тензии, омраза и изолираност.

„Едно општество за сите граѓани е нашиот избор. Горди сме што СДСМ беше првата политичка партија која ја имаше храброста и визијата да ја постави оваа цел и да придобие мнозинство околу неа“, вели Петров.

За реализирање на идејата, ВМРО планира да се формира експертска група која би понудила уставни решенија по европски терк.

Весна Велкова

 

Shpërndaj me

Loading...