Три недели по воведениот карантин во Дебар, почнаа да се појавуваат социјални и економски проблеми за тамошните жители. Како што вели градоначалникот, Хекуран Дука, многу фирми се затворени, граѓаните остануваат без работа и не можат да ги купат ни основните производи, како храна и хигиенски средства.

Тој нагласува дека во последниве два дена состојбата во градот е помирна, но сепак апелира да се извршат повеќе тестирања.

„Граѓаните не може да ги купат основните производи затоа што не добиваат плата, па ќе има потреба за поголема хуманитарна помош во прехранбени производи. Има недостиг и на заштитни средства, маски, ракавици, средства за дезинфекција. Јас би рекол да има масовно тестирање на населението, а за тоа најверојатно ќе треба да се отвори и еден пункт за тестирање. Ова наше барање е доставено до Владата на разгледување во Комисијата во Министерството за здравство и чекаме овие денови“, рече Хекуран Дука, градоначалник на Дебар.

Градоначалникот смета дека има и други заразени кои сè уште немаат симптоми и кај кои не е направено тестирање бидејќи во моментот фокусот е само кај оние кои имаат симптоми. А и по три недели во изолација, граѓаните на Дебар велат дека максимално ги почитуваат препораките и седат дома.

„Сега граѓаните најмногу се занимаваат со нивните паметни телефони, со интернет, комуницираат преку интернет и ги извршуваат домашните обврски, најмногу се посветени на семејството и децата“, изјави Ариан Обоку, жител на Дебар.

Има граѓани кои се изолирани во Дебар, а се од Скопје. Саранда Каба Марку работи во Катастар и вели дека ги опслужува странките од дома, а се грижи и за нејзината ќерка.

„Со колегите секој ден се слушаме во врска со работата. Има случаи кога ни се јавуваат странки, им помагаме, контактираме телефонски со вработените кои работат со скратено работно време. Не сме го запоставиле процесот на работа и постојано сме во контакт со колегите и претпоставените. Цело време поминуваме дома со децата и со е-училница, со семејни обврски, готвиме, седиме, слушаме вести или некоја емисија на телевизија“, вели Саранда Каба Марку, граѓанин.

Властите во Дебар апелираат до граѓаните и понатаму да ги почитуваат препораките и мерките на институциите за да се спречи ширењето на вирусот.

Мефаил Исмаили

Shpërndaj me

Loading...