Во Тетово и Гостивар денеска граѓаните ги преплавија маркетите и банките и често пати без да ги почитуваат препораките за одржување на физичка дистанца. Сите брзаа да ги купат потребните производи и да завршат некоја работа пред да почне полицискиот час.

„Купив само за два дена. Малку ќе ни биде тешко, но ова е за наше добро и за народот воопшто“, вели еден граѓанин.

Големи гужви и пред банките.

„Еве, гледате и самите каква е ситуацијата. Чекаме со саати и не можеме да завршиме работа. Како да завршам работа кога банкоматот нема пари? Ова значи дека не можам да земам пари и да купам, само залудно се нервираме и чекаме тука“…

„Да се снабдима со тоа што ни треба, но колку ќе успееме не знам“, велат граѓаните.

Слична ситуација и во Гостивар. Многу граѓани го искористија сончевото време и за прошетки покрај Вардар.

И тука и покрај тоа што го сними нашата камера, градоначалникот Арбен Таравари, рече дека граѓаните се придржуваат кон препораките.

„Во Гостивар јас мислам дека ситуацијата е релативно добра и граѓаните ги почитуваат препораките. Секако дека има исклучоци пред банките каде што има постари лица поради ограниченото време кога можат да излезат и стојат близу еден до друг, а тоа е опасно за нив. Ние како локален кризен штаб им издадовме препораки на сите банки да преземат мерки за да се држи растојание“, рече Таравари.

Во последните 24 часа во Тетово и Гостивар се регистрирани три нови случаи на заболени, од кои двајца се лекарски персонал.

Башким Сулејмани

Shpërndaj me

Loading...