Жителите на скопско Сопиште ја испочитуваа забраната да не се оди на гробишта за Задушница. На селските гробишта затекнавме една мајка која ни рече дека знае за владината мерка, но дека желбата да дојде денеска за Задушница на најмилите, за сопругот и синот единец, била поголема од стравот.

„…Требаше да биде полно, ама забрането е. Јас дојдов скришум. Сите ми велеа не оди, не оди ќе те тужат. Нека ме тужат, од оваа казна нема поголема…Дојдов душата да ми олесни…ај, седевме за Велигден, ај сега пак, барем денеска да пуштеа….“, вели една граѓанка.

Портите на селската црква Свети Јован беа отворени. Домаќинот ни рече дел од жителите утрово биле да запалат свеќа за покојните, бидејќи полицискиот час почнува од 16 часот попладне.

„Секој ден ја отвораме, тука е главното. Тука што живеат во близина што не се под карантин доаѓаат, палат свеќи за мртвите…“, вели домаќинот.

Дел од жителите денот го искористија за прошетка.

„Среќа можеме да шетаме па уживаме, си го шетаме кучето, садиме некои цвеќиња…за многу работи не нѐ  пуштија, не е само Задушница, ај да не ги набројуваме….

„Еве со детево се шеткаме…“, велат жителите.

Празникот Задушница православните верници го обележуваат во чест на душите на починатите. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. Поради воведената забрана за движење заради пандемијата посетите на гробиштата се забранети и поменот треба да се врши во домовите.

Весна Велкова

Shpërndaj me

Loading...