fbpx

Конзервативната партија на британскиот премиер, Борис Џонсон, оствари убедлива победа на изборите, а најновите проценки покажуваат дека обезбеди и убедливо мнозинство во парламентот.

„Сметам дека ќе се покаже оти ова се историски избори кои ни дадоа шанса новата влада да ја испочитува демократската волја на британскиот народ“, изјавил Џонсон.

Според последните податоци на Би-Би-Си, Конзервативната партија освоила 364 места во парламентот со 650 пратенички столчиња, а Лабуристите 203.

Лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, изјавил дека нема да ја предводи партијата на следните избори, после, како што навел, „оваа мошне разочарувачка ноќ“.

Корбин порачал дека ќе остане на чело на партијата додека трае процесот за анализа на резултатите кои, како што оценува Би-Би-Си, се најлоши што ги оствариле Лабуристите од 1935 година.

„Ова е очигледно мошне разочарувачка ноќ за Лабуристичката партија со резултатите што ги добивме. Нема да ја предводам партијата во никаква идна предизборна кампања“, изјавил Корбин.

Во меѓувреме, резултатите од изборите сѐ уште се пребројуваат, а „Политико“ оценува дека овој резултат претставува голема лична победа за Џонсон и значи дека Британија речиси сигурно ќе ја напушти ЕУ во јануари 2020 година.

Ова е најголема победа за ториевците во последните 30 години, а подобри резултати остварила единствено „железната дама“, Маргарет Тачер, на изборите 1983 година, кога освои 397 мандати, пренесува Гардијан.

 

Shpërndaj me

Loading...