Градинките со месеци се затворени, но родителите чии деца по одлука на Владата се дома поради вирусот и натаму добиваат сметки. Сумата не е во цел износ, туку како во случај детето оправдано да не оди во градинка поради настинка или сличен проблем.

Родителите кои се обратија во Алсат велат дека треба да плаќаат нешто над 500 денари месечно иако нивните деца не одат во градинка, а тоа и не е по нивна вина. Граѓаните бараат од власта да ја стопира наплатата на овие средства бидејќи многу од нив се со намалени приходи во овие месеци, а плаќаат за услуга која не ја користат.

Од Министерството за труд велат дека цените на услугите за градинка се во надлежност на општините или на Градот Скопје.

„Министерството изготви Правилник за утврдување цени во градинките. Градинката може да одреди износ понизок од тој што е утврден…“, рекоа од министерството за труд.

Од Заедницата на локалните самоуправи за Алсат велат дека не разговарале на оваа тема, но од медиумите дознале дека некои градоначалници веќе предложиле до општинските совети да се укине тој надоместок. Побаравме одговор од градоначалникот на Скопје Петре Шилегов дали до Владата планира да достави предлог за замрзнување на оваа давачка додека децата не се вратат во градинките.

„Градинките не се во надлежност на Град Скопје. За информации обратете се во општините или Министерството за труд и социјална политика“, рекоа од Град Скопје.

И додека институциите си играат „пинг – понг“, некои општини ја замрзнаа оваа давачка, а некои други се во процедура да го сторат тоа. Засега од Владата нема најава дека преку уредба би го регулирале ова прашање на државно ниво.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...