fbpx

Институциите допрва прецизно ќе се договараат кои правилници и закони ќе се менуваат за да се намали загадувањето на воздухот. Од Министерството за економија за Алсат М велат дека во координација со другите институции ќе предложат забрана да се гори јаглен во домаќинствата, а ќе се предложат и субвенции за социјално ранливите семејства за да можат да ги заменат старите печки со нови.  Ќе се менуваат и законските прописи на возилата.

Министерство за економија

Ќе предложиме измена и на повеќе правилници кои се дел од Законот за возила, во делот на категоризација на возила според ЕУРО стандарди. Во моментов на пазарот се пуштаат возила со Еуро Стандард 4 за емисија на гасови, а за нови возила, со ЕУ  стандард 4, 5 и 6. “

Токму возилата беа дел од мерките против аерозагадувањето кои надлежните веќе ги најавија. Една од нив е евидентирање на возилата колку загадуваат, нивно обележување со налепници во различни бои за ниска, средна и висока загаденост. Во алармантни ситуации, оние кои најмногу загадуваат ќе бидат исклучувани од сообраќај.  Но, како ефикасно ќе се контролира учеството во сообраќајот на возилата кои ги има стотици илјади, од МВР не добивме одговор. За ваквите најавени мерки, возачите се со поделени ставови.

„Тоа е голема грешка. Прво државата пред неколку години дозволи да се увезат такви возила, а сега да се исклучат. Луѓето имаат пари дадено, како тоа?“

„Би требало да се преземе нешто. Нормално е тоа, ако не си исправен ќе те исклучат“, велат анкетираните граѓани.

И додека надлежните уверуваат дека наскоро јавноста ќе биде запознаена со деталите и мерките, Скопје веќе почнува да се задушува во канцерогените честички ПМ 10. Изминатото деноноќие висока загаденост имаше во скопската населба Лисиче каде беа регистрирани 486 микрограми на ПМ 10, а европската дозволена граница е само 50 микрограми.

Анеса Алити

Shpërndaj me

Loading...