fbpx

Од денеска Град Скопје не прима апликации за инвертер клими иако пријавени се 4135, а не 5200 колку што се планираше да биде лимитот. И според најавите од Владата требаше да се субвенционираат 5200 граѓани за кои до град Скопје беа префрлени 5 милиони и двеста илјади евра. Од Град Скопје велат дека апликациите за замена на старите грејни тела со нови еколошки е стопирана за да се провереле досегашните апликации.

„Доколку се утврди дека не се исцрпени сите средства предвидени за оваа намена, постои можност повикот да се продолжи, за што јавноста ќе биде навреме информирана. Сите кои досега аплицирале и ги исполнуваат условите, согласно критериумите на јавниот повик ќе добијат средства и нема да се делат ваучери“, велат од Град Скопје.

Кога ќе почне префрлувањето на пари и дали тоа ќе се случи наскоро, од Град Скопје не кажуваат, туку објаснуваат дека периодов ќе вршат контроли кај граѓаните кои аплицирале дали ги предале старите грејни тела и дали претстојната грејна сезона ќе се греат на инвертер клими.

Алсат веќе пишуваше дека Град Скопје и другите општини се откажаа од доделувањето на ваучери од 1000 евра за инвертер клими и наместо тоа одлучија да ги сменат правилата односно граѓаните најпрво да си купат клима, а потоа да им бидат вратени парите. Првичниот проект требаше да им помогне на социјално ранливите категории на граѓани да стигнат до клима уреди бидејќи цената на еден инвертер се движи од 500 евра па нагоре. Ресорниот министер Нуредини за Алсат тврди дека барал да се доделуваат ваучери, но бил надгласан.

„Нашата институција беше инволвирана од еколошки аспект.  Нажалост, луѓето мора да ја платат климата, па потоа да ги добијат парите. Јас го предложив до работната група да бидат ваучери, но бев надгласан. Оваа институција не носи сама одлуки, има и други институции кои одлучуваат како треба да тече процесот. Го покренавме прашањето, но бевме надгласани“, рече Насер Нуредини, министер за животна средина.

Од Владата пак, велат дека реализацијата на мерката е во надлежност на самите општини.

Игор Стефановски

 

Shpërndaj me

Loading...