Грција денеска ги отвора регионалните аеродроми, дел од копнените гранични премини и дел од пристаништата за туристи од Европската унија, од Шенген зоната, како и за државјаните на третите земји, кои се најдоа на листата што вчера ја соопшти ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

За македонските државјани, границите кон Грција и понатаму ќе бидат затворени до 15 јули 2020 година, со оглед на тоа дека јужниот сосед се води според одлуките на европско ниво.

-Грција, следејќи ја европската препорака, ја проширува можноста за влез во земјата и за постојаните жители на следните трети земји (листата ќе се ажурира на 15 дена): Алжир, Австралија, Грузија, Јапонија, Канада, Мароко, Црна Гора, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Руанда, Србија, Уругвај, Тајланд, Тунис, Кина (ќе се разгледа врз основа на взаемност), соопшти вчера портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас.

Во однос на копнените граници, на граничните премини со Северна Македонија, Албанија и Турција дозволени се преминувања само за есенцијални причини, односно за членови на семејства на европски државјани, вработени во здравствениот сектор, лица кои се грижат за стари лица, сезонските работници во земјоделскиот сектор, вработените во транспортот, дипломати, меѓународен воен персонал, хуманитарни работници кои се на должност, транзит патници, патници кои патуваат од неопходни семејни причини, студенти.

 

Shpërndaj me

Loading...