Министерството за здравство во Албанија денеска објави 64 ново заболени од вирусот, а две лица починаа. Најголем број заразени лица има во Тирана, 15 случаи. Во Албанија во моментов има 970 активни лица со КОВИД19, најголем број во Тирана, Скадар, Драч.

„Ви се обраќаме како и секој ден –  граѓаните да не ја намалуваат будноста и да ги спроведат утврдените мерки, да носат маска секаде каде што не е можно да се одржи физичко растојание, додека деловните субјекти да ги имплементираат одобрените протоколи, да ги штитат вработените и граѓаните“, рече Еугена Томини, Министерство за здравство на Албанија.

Пораст на случаи со КОВИД 19 има и во Косово. За само 10 дена, регистрирани се 844 нови случаи, од кои 87 во последните 24 часа. Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, рече дека состојбата со коронавирусот во Косово „е под кревка контрола“ и дека Клиниката за инфективни болести е преполна со пациенти и дека нема повеќе места .

„Ние сме во опасност од вториот бран, помогнете ни, да не ја затвораме целосно економијата како што направивме пред три месеци“, рече Авдулах Хоти, премиер на Косово.

Новите мерки, според Хоти, би вклучувале рестриктивно работење на институциите, затворање на деловни објекти  каде има случаи со коронавирус, задржување во изолација на заразени лица и  забрана за собирање на повеќе од 100 лица во затворени или отворени простори.

Во светски рамки, бројот на жртви од коронавирус надмина 500.000, додека бројот на заразени е веќе над 10 милиони. Во неделата имаше рекорден број на заразени лица, над 189,000 за 24 часа.

Мелихате Рустеми

Shpërndaj me

Loading...