Ребалансот на буџетот кој се подготвува е на јавна лицитација помеѓу власта и опозицијата. Ден по најавата на министерката за финансии Нина Ангеловска за можниот ребаланс, претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ, Фатмир Битиќи, излезе во јавност за тоа колку би се скратил буџетот. Според него, кратењата би биле од 39 до 78 милиони евра, со пораст на јавниот долг за 10 отсто и раст на буџетскиот дефицит од сегашните 2,3 на 6,8 насто. Од друга страна ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е дека со ребалансот треба поголемо кастрење на расходите.

„Остануваат 218 милиони евра средства кои што се повеќе планирани во однос на реализацијата на 2019 кои што можат слободно да се скратат. Ако земеме во предвид ние годинава имаме вонредна состојба, не одат сите на работа, не се возат службени возила, нема службени патувања, имаме простор и повеќе од овие 218 милиони евра средства кои што можат да се скратат“, рече Гордана Димитриевска-Кочовска- Дополнителна заменик министерка за финансии.

Но, од делот на Министерството за финансии кое е раководено од СДСМ се децидни дека треба да се престане со јавна лицитација се додека како надлежно Министерство не излезат со точни податоци.

„Со оглед дека постапката е се уште во тек, изјавите дека би се кратело 30, 60 или 80 милиони евра се повеќе лицитирања во оваа фаза, отколку факт со кој би се информирала јавноста во насока на фискална транспарентност. Јавноста ќе биде навремено и точно информрана за сите промени кои ќе се имплементираат во ребалансот, како на приходна, така и на расходната страна на буџетот за годинава“, наведуваат од Министерството за финансии.

Неофицијално Алсат дознава дека ребалансот ќе мора да се најде на владина седница до крајот на оваа недела бидејќи веќе следниот понеделник завршува вонредната состојба. Доколку нема прогласување на нова вонредна состојба Владата ќе нема надлежност да го изгласа новото преструктуирање на државната каса.

Андреа Чобанова

Shpërndaj me

Loading...