Политичката партија ДУИ по иницијатива на граѓани поднесе предлог до Владата да се зголеми лимитот на кеш кој ќе може да се префрли од една на друга трансакциска сметка, потврдија од партијата за Алсат. ДУИ од Владата бара од 5.000, сумата да се зголеми на 10.000 евра дневно без да биде известена Управата за финансиско разузнавање. Тоа е институција која ги контролира повисоките трансфери на пари поради безбедност, антитероризам или пак перење на пари. Сепак, од ДУИ не ни одговорија зошто ја бараат оваа мерка. Потврда дека нешто такво стигнало во Владата добивме и од владиниот советник за економија.

„Имаше едно такво барање, но сè уште немаме донесено одлука. Секако, пред да добиеме мислење од сите релевантни институции коишто го контролираат тоа и секојдневно работат за тоа, не би можел да кажам дека би донеле таква одлука“, рече Фатмир Битиќи, Советник на Владата.

Од Управата за финансиско разузнавање за Алсат велат дека се разгледуваат сите предлози.

„Во врска со промената на прагот за реализирање на трансакции преку брз трансфер на пари на дневно ниво, во рамките на Министерството за финансии во моментов се прават повеќе анализи, од сите можни аспекти, па и од аспект на злоупотреби од перење пари и финансирање на тероризам“, велат од Управата за финансиско разузнавање.

Реакции во јавноста предизвика и одлуката на крајот од ланската година кога пратениците одлучија лимитот за плаќање во готовина од 500, да се зголеми на 3.000 евра. И ваквото лимитирање беше дел од Законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...