Третиот сет економски мерки на големо се подготвува во партиските штабови на владејачките СДСМ и ДУИ. Од партијата на Али Ахмети ќе предложат мерка од државната каса да се делат од девет до петнаесет илјади денари на граѓаните. Сумата ќе зависни од социјалната категорија на семејството.

Алсат неофицијално дознава дека од ДУИ остануваат против намалување на платите на администрацијата, иако дел од министрите на СДСМ неколку пати отворено најавуваат дека корекцијата на платите во јавниот сектор е неминовна. Ова се дел од предлозите на ДУИ до кои неофицијално дојде Алсат.

„Стимулирање на приватната и јавна потрошувачка. Стимулирање на компании од областа на туризам и угостителство. Програма за микро компании, занаетчии и за жени претприемачи“, велат од ДУИ.

Денеска министерката за финансии Нина Ангеловска на својот Фејсбук профил објави дека доаѓа период на опоравување на економијата .

„Поттикнување на приватната потрошувачка, со акцент на домашната понуда за поттикнување и помагање на одредени сектори и индустрии. Поддршка на нови процеси и технологии за зголемување на конкурентноста на домашните компании“, вели Ангеловска.

Од владата не ни одговорија дали предлогот на СДСМ е стасан кај нив.  Но, за Алсат велат дека третиот пакет мерки ќе понуди директна поддршка и помош за граѓаните и домаќинствата преку јакнење на јавната и приватната потрошувачка. Други детали не открија.

„Ќе бидат понудени мерки кои ќе дадат стимул на стопанството за полесно и побрзо надминување на економските последици од корона вирусот за навремено да можеме да фатиме чекор за заживување на македонската економија и нејзин динамичен раст и развој“, наведуваат од Владата.

Алсат доби потврда од синдикатите и бизнис здруженијата дека за новите предлог мерки на СДСМ засега не се известени. Ставот на Сојузот на стопански комори е дека Владата треба да подготви мерки за економски спас. Данела Арсовска вели дека неопходни се мерки за фискален стимул, преку директни исплати на средства во стопанството, а не само помош за граѓаните.

„Кога ќе се креира новиот економски пакет би било добро да се има во предвид дека во оваа криза поголем проблем е понудата, отколку побарувачката. Во услови кога се соочуваме со намалена понуда поради рестриктивните мерки за заштита, треба да се креираат нови решенија како одговор, а тоа е стимул на приватниот сектор со директни финансиски инјекции“, вели Арсовска.

Вчера лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев изјави дека ќе и предложи на владата одредени категории на граѓани кои се погодени од кризата да добијат по 10 илјади денари неповратна помош. Досега владата донесе два сета на антикризни мерки, аплицирање за бескаматни кредити, и субвенционирана минимална плата.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...