На синоќешната владина седница имало жестока расправа помеѓу министрите околу новата распределба на парите од државната каса поради корона кризата. Алсат дознава дека добар дел од министрите не сакаат да им се намали сумата државни пари предвидени за трошење оваа година.

Информациите до кои дојде Алсат се дека во дел од министерствата ќе се кратат и до 70 отсто од предвидените средства, за проекти кои владата ќе ги прогласи за неприоритетни во ова кризно време. Министерката за финансии Нина Ангеловска во денешниот Економски магазин на Алсат потврди дека околу 100 милиони евра ќе бидат скратени. Ангеловска побара солидарност од сите министри.

„Кога зборувам за кратење од шест и пол милијарди денари зборувам кај сите институции на патни трошоци, на услуги. Знаете дека беше донесена и една одлука за забрана за јавни набавки кои не се поврзани суштински со корона кризата. Зборуваме за кратење на капитални трошоци, купување на одредена опрема, возила итн“, вели Ангеловска.

Експертската јавност смета дека со само кратење на 100 милиони евра нема да се решат големите проблеми. Кратењето ќе оди тешко, но тоа е неминовно, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески.  Тоа се минимални средства бидејќи се само три до четири отсто од проектираната вредност на државната каса.

„Мислам дека до сега требаше да биде предложен ребалансот, ќе дадеше едно убедување и поголема сигурност ќе внесеше помеѓу економските агенти дека државата на некој начин знае што прави во ова ситуација. И не само што работи да изнајде поголема ликвидност од меѓународните кредитори, не само што прави проекции колку буџетските приходи паднале, туку истовремено ревносно работи на консолидација и кратење на буџетските расходи“, вели Марјан Петрески универзитетски професор.

Министерката Ангеловска откри и дека денеска на владата ќе продолжи расправата за кратење на средства од буџетот на министерствата и останатите буџетски корисници. Кој министер, од колку државни пари се откажал допрва ќе видиме. Ќе следуваат и нови задолжувања на меѓународниот пазар каде властите посочија дека ќе се бараат кредити со кои ќе се обидат да се надмине здравствени – економската криза која го окупираше светот.

Во моментов, планираното задолжување од 400 милиони евра како преоден период до издавање на еврообврзницата е доведено во прашање, бидејќи според информациите на Алсат на меѓународниот пазар на пари може да се најадат само 180 милиони евра. Затоа ќе се бара повеќе пари од ММФ и од ЕУ.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...