Владината кампања за поддршка на малите бизниси според туристичките работници е контра-продуктивна. Проблематично според нив се  билбордите на кои со големи букви пишува „Не ми треба туристичка агенција, сам ќе си најдам соба“. Сепак во долниот дел на постерот со поситни букви креаторите на кампањата појаснуваат дека станува збор за иронија и оти целта е да се поддржат малите бизниси. Од здружението на туристички агенции за Алсат велат дека идејата за помош на малите бизниси е добра, но за туристичкиот сектор ова е класична анти-реклама.

„Мислам дека нема да имаме позитивен ефект токму од фактот што луѓето самите ќе си резервираат. Ќе си запалат автомобил, ќе отидат во Охрид ќе си посетат одредени локали, хотели, мотели, приватни куќи да ги видат да се договорат и да си отидат таму“, рече Елена Николовска, здружение на туристички агенции.

Одговорната за економските политики во владата вицепремиерката Мила Царовска за кампањата вели дека дава шанса за бенефит и за агенциите и за сместувачките капацитети. Сепак не кажа какви ефекти очекува од кампањата со билбордите.

„Јас секогаш сакам, нешто кога ќе стартува, сакам да ги измериме резултатите барем на половина од имплементацијата и заеднички потоа да зборуваме дали била успешна или не. Но, во секој случај очекуваме да има искористеност“, рече Царовска.

Освен билборди со содржина за туризам, веќе неколку дена може да се забележат и билборди за поддршка на останати дејности кои се дел од малите бизниси, како шнајдери, фризери, слаткари.

Иле Петревски

 

Shpërndaj me

Loading...