Откако ги имаше прогласено за затворени нормативните прашања за етничка еднаквост што произлегуваат од Охридскиот договор, ДУИ во изборната кампања излегува со нови ветувања. Сега владејачката албанска партија ветува консензуално донесување одлуки со врзан потпис, Бадентер во Владата и преглед на државната химна.

„Десетици стратешки државни институции заеднички ќе ги водат член на македонската и албанската заедница со еднакви права и двоен потпис. Главните економски одлуки, буџетот, даночните инвестиции, Владата не може да ги донесе без поддршка од мнозинството членови на владиниот кабинет на албанската заедница. Предлагам да се постигне консензус во врска со содржината на химната на нашата земја, за да се одрази оваа разновидност, бидејќи овој симбол не треба да биде симбол на исклученост и нееднаквост“, рече Насер Зибери, кандидат на ДУИ за премиер.

Од партијата на Ахмети велат дека ќе спроведат учење на албански јазик за Македонците и другите заедници, почнувајќи од петто одделение.

„Предлагаме да има часови на кои албанскиот јазик задолжително ќе се предава во секое училиште, почнувајќи од петто одделение“, додаде Зибери.

Идејата за вклучување на албански јазик во училиштата за другите заедници доаѓа откако оваа опција беше одбиена неколку пати. Во исто време, многу албански ученици сè уште немаат можност да посетуваат часови на албански јазик, иако кадри на ДУИ секогаш биле на чело на Министерството за образование и наука. Во отсуство на паралелки на албански јазик, голем број албански ученици во Битола, во Општина Чашка во Велес, од населбата Јурумлери во Гази Баба и ученици од Охрид, за кои Алсат веќе информираше  учат на македонски јазик. Поранешниот премиер и поранешен албански претседател Сали Бериша, исто така, го иронизираше овој феномен на социјалните мрежи пред неколку дена.

Со донесувањето на законот за употреба на јазиците, во јануари 2018 година, самата ДУИ рече дека е затворен  нормативниот аспект на етничката еднаквост што произлегува од Охридскиот договор.

„Денес со донесувањето на законот за употреба на јазиците, со 69 гласови „за“ и ниту еден против, се заокружи нормативниот дел од Охридскиот мировен договор и сега е на нас, особено на извршните институции, да спроведеме сè што е одобрено во Собранието на Република Македонија“, рече Артан Груби, ДУИ.

Фатлуме Дервиши

Shpërndaj me

Loading...