Претседателот Ѓорѓе Иванов е уверен дека сведочењата на обвинетите за 27 – ми април се обид да се дефокусира јавноста од вистинските креатори на крвавото сценарио лани. Шефот на државата ден по спектакуларното сведоштво на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа дека крвавиот упад е организиран од УБК и оти наводно биле вмешани и лица од кабинетот на Иванов, претседателот денеска посочи дека јавноста повеќе му верува на обвинет кој сака да се спаси од затвор, отколку на институциите.

„Ова е очаен обид да се сврти цело внимание од главните креатори на сето тоа што се случувало на 27 – ми и да се пренасочи кон Претседателот и неговиот кабинет“, рече претседателот Иванов.

Откако Александар Василевски вчера тврдеше дека претседателот лани по крвавиот упад планирал да прогласи воена состојба, Иванов одговори:

„Нека го прочитаат Уставот да видат кога се прогласува воена состојба и кој ја воведува. Вие сте новинари и можете да ги прашате каде биле генералите тој ден, каде бил началникот на Генералштабот, каде бил мојот аѓутант, каде била армијата, а веќе имаме и нова власт, нова министерка, можела за сиве овие месеци додека е на власт да види што има во Министерството за одбрана за тој ден. И ова повикување дека јас сум се откажал зашто имало реакција од странски амбасади, нека се јават и нека кажат кој реагирал и кој барал јас да не воведам воена состојба…“, додава Иванов.

Обвинетиот Нинџа вчера посочи и дека упадот во Собранието се координирал на осмиот кат во зградата на ВМРО – ДПМНЕ. Рече дека поранешната министерка Билјана Бришкоска – Бошковска му наредила на Трајко Вељаноски пратениците да ги отворат вратите од Собранието. Бришкоска – Бошковска во изјава за телевизија Телма посочи дека ако ја повикаат ќе даде исказ за тврдењата на Александар Василевски.

„Јавниот обвинител може да ме повика за исказ и тоа што имам да го кажам ќе го кажам пред јавниот обвинител“, рече Билјана Бришкоска – Бошковска.

Вчера Александар Василевски – Нинџа во своја одбрана пред судот посочи дека  во зградата на ВМРО – ДПМНЕ се наоѓал, како што рече, паравоен центар од каде се издавале наредбите за 27 април, а тој присуствувал и бил сведок на разговорите. Посочи дека координацијата ја вршеле Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Спиро Ристовски, Митко Чавков, Билјана Бришкоска, а во салата наводно биле присутни и Борис Јосифовски од кабинетот на Претседателот Иванов, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me

Loading...