fbpx

По речиси 70 години непријателства, симболично помирување од 13 секунди. Толку траеше историското ракување утринава во Сингапур меѓу севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и американскиот претседател Доналд Трамп. На почетокот двајцата политичари делуваа сериозно и напрегнато, но на крајот се опуштија. По фотографирањето започнаа сериозните разговори.

Обврската за целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров е содржана во документот кој Ким и Трамп го потпишаа на крајот на самитот. За возврат, американскиот претседател вети безбедносни гаранции за Северна Кореја, а Пјонгјанг заложба за ставање крај на атомското вооружување. Двајцата лидери изјавија дека сакаат брзо и целосно спроведување на договореното, се наведува во документот. Трамп на крајот на петчасовниот самит изјави дека изградил „посебен однос“ со Ким со кого најави дека уште многу пати ќе се среќава.

Најважно од сè сакам да му се заблагодарам на претседавачот Ким за преземањето на овој прв чекор кон сосема нова иднина за неговиот народ. Нашата досега невидена средба, прва меѓу претседател на САД и лидер на Северна Кореја, покажува дека вистинската промена е навистина можна“, изјави Доналд Трамп, Претседател на САД.

Американскиот претседател претходно оцени дека сѐ минало подобро отколку што кој било можеше да очекува.

Ким Јонг Ун пак, не беше расположен да зборува за медиумите, но на средбата рекол дека двете земји го оставаат минатото зад себе, а светот ќе доживее голема промена. Претходно, по првата средба на делегациите, Трамп и Ким се повлекоа на разговор во четири очи, придружувани само од своите преведувачи. Потоа се одржаа преговори со советниците. Судирот околу нуклеарната програма на Северна Кореја е еден од најопасните конфликти во светот. Ким тврди дека неговите ракети со нуклеарно полнење може да стигнат до САД.

А, откако средбите завршија, на испраќање, се чини дека на севернокорејскиот лидер многу му се допадна големата службена лимузина на Трамп, па тој воопшто не се воздржа да му ја покаже. На крајот на самитот Трамп го покани Јонг Ун да дојде во официјална посета на Вашингтон.

Иван Блажевски

Shpërndaj me

Loading...