Поставувањето калориметри на радијаторите ќе ја зголеми цената на парното греење за домаќинствата. Ова го покажува искуството од зградите во Скопје, во кои веќе се инсталирани таканаречените индивидуални мерачи и распределители на топлинска енергија. Од БЕГ Снабдување, компанијата која испорачува топлинска енергија во Скопје, за Алсат М објаснуваат дека доколку сакаат да плаќаат иста цена, граѓаните ќе мора да ги загреваат домовите 30 отсто помалку.

БЕГ Снабдување:

Корисник кој живее во просечен стан од 60 метри квадратни ќе почне да остварува финансиски заштеди доколку заштедите на топлинска енергија изнесуваат над 30% на годишно ниво, односно при 30% заштеда на енергија, финансиската заштеда изнесува 0%. За остварување 35 отсто заштеда на енергија потребно е просечната собна температура да се намали за 5 степени Целзиусови, што е под стандардите за здраво живеење.“

Поставувањето калориметри, според Законот за енергетика, кој е во подготовка, ќе биде задолжителна обврска за секој потрошувач кој користи парно греење. Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, во интервју за Економски магазин, коментирајќи ја можноста парното да поскапи, рече дека ова ќе ги стимулира граѓаните да ја намалат потрошувачката на енергија.

Да се намали со поевтини енергенси, да се намали со изолација. Значи цел свет оди во тој правец, не можеме ние да одиме дивергентно. Како сега, ние што да речеме? Трошете енергија, нема проблем, не треба да мислите на изолација на куќите, не треба на ништо да мислите, само евтина енергија трошете“, вели Анѓушев.

Според статистиката на БЕГ Снабдување, трошокот за поставување на овие инструменти во просек чини по 300 евра за стан. Сè уште не е јасно кој ќе ја плати оваа инвестиција. Но, Анѓушев најави дека Владата нема да дозволи да трошокот да падне на товар на граѓаните. Новиот закон за енергетика, според најавите, треба да стапи во сила на крајот на 2018 година.

Мирко Трајановски

Shpërndaj me

Loading...