fbpx

Косовскиот премиер Авдулах Хоти најави дека во земјата ќе се воведат нови, поостри мерки за борба против пандемијата на Ковид-19, со тоа што на надлежните органи им се наложува „целосна ригорозност“ во однос на почитувањето на постоечките мерки, како и нивно дополнување со нови мерки, јави дописникот на МИА од Приштина.

На попладневната прес-конференција, по седницата на Советот за безбедност на Косово, Хоти информира дека денеска не е одлучено да се прогласи вонредна состојба поради видното зголемување на бројот на заразени од новиот коронавирус, но не ја исклучи можноста тоа да се случи доколку продолжи актуелниот тренд на ширење на пандемијата и порастот на смртни случаи.

Тој информира дека на седницата на Советот, на која, и покрај тоа што беше претходно најавено, не учествуваше претседателот на државата, Хашим Тачи, се разгледани две сценарија за справување со епидемијата.

– Првото сценарио подразбира мошне ригорозно спроведување на мерките кои се донесени и нивно дополнување со нови мерки, додека второто е прогласување вонредна состојба, изјави Хоти.

Тој информира дека е одлучено да се пристапи кон првото сценарио, за што уште веднаш ќе се изврши дефинирање на новите мерки, при што нагласи дека „нема да се толерира никој и ништо“ што отстапува од нив.

– Новите мерки ќе бидат поригорозни споредено со оние кои ги донесовме порано. Неприфатливо е додека мерките се во сила да се организираат свадби и забави низ цело Косово. Принудени сме да ги забраниме целосно верските собири и ритуали. Во моментов одиме со ригорозни мерки на надзор и ја оставаме отворена можноста за прогласување вонредна состојба, изјави Хоти.

Само во последните три дена во Косово се регистрирани 615 нови случаи, со што вкупната бројка на заразени од појавата на епидемијата достигна до 4.715. Од нив, заклучно со вчерашните четири нови случаи, починале 101 заразен од новиот коронавирус. Излекувани се 2.227 од претходно дијагностицираните со Ковид-19, така што активни носители на вирусот во земјата, според последните официјални извештаи, се 2.387 лица.

Shpërndaj me

Loading...