Задолжително изучување на македонскиот јазик на сите универзитети , државни и приватни, вработување лектори во сите јавни институции како и формирање Инспекторат за употребата на македонскиот јазик, се дел од предлозите изнесени на денешната јавна расправа за измените на законот за употреба на македонскиот јазик.  Македонистите предлагаат и воведување обука за правилен изговор во јавните настапи на политичарите и новинарите.

„Ние се залагаме за тоа нашите луѓе да бидат пописмени особено академската јавност и затоа сметаме дека треба да биде воведен предмет наречен култура на говорот или изразување и пишување ли ќе биде“-изјави Елена Јованова Груевска – директорка на Институтот за македонски јазик.

„Предлагам обука за сите претставници на сите власти да може изговорот да не биде толку лош како што го слушаме во моментов“-вели Искра Пановска Димкова- универзитетски професор

Првиот човек на Советот кој го предложи законот, професорот Људмил Спасов вели дека на сите закони за унапредување на јазиците треба да се гледа како на  нивна соработка, а не негирање.

„Овој закон не е во спротивност, напротив во соработка е со законот за јазиците, значи не се негираат едни со други, како што е редот и местото во една држава, бидејќи ова е заедничка држава на сите луѓе со сите мајчини јазици. Меѓутоа македонскиот јазик е најголемиот јазик и државниот, особено во комуникција со странство и е обединувачки“-рече Људмил Спасов – претседател на Советот за македонски јазик.

Со законот е предвидено да се формира и Инспекторат за употреба на македонскиот јазик кој ќе има право и да казнува .

„Инспекторатот е нормална работа. Идејата не е да се казнува по секоја цена, туку да се помага, да се усовршува, да не се прават непотребни грешки кои не зборуваат добро за сите нас“-истакна Људмил Спасов – претседател на Советот за македонски јазик.

Со законот се предлага и обновување на  старите и отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, а се отвора и можност за изучување на македонскиот јазик во културните центри на  амбасадите во странство.

АЛСАТ

Shpërndaj me

Loading...