Нелегалната продажба и злоупотребите со екстра-лесното масло ја оштетуваат државната каса за околу 30 милиони евра. Информациите од терен се дека на црно се увезува вакво, но се продава како дизел-гориво. Министерот за економија Крешник Бектеши, денеска најави дека или целосно ќе се укине користењето на ова гориво или ќе се изедначи акцизата со другите деривати.

„…Таа одлука ќе ја донесеме согласно податоците кои ќе ги добиеме од надлежните институции“, рече Крешник Бектеши министер за економија.

Од компанијата која е од нафтениот бизнис, Макпетрол за Алсат велат дека Владата предолго го одолговлекува ова прашање, имајќи предвид дека по завршување на вонредната состојба, таа нема да биде во можност да носи уредби со законска сила.

„Граѓаните ќе продолжат да користат неквалитетно гориво кое содржи стопати повеќе штетни материи, државата ќе има помалку средства во буџетот, а дистрибутерите ќе бидат оштетени поради можноста за шверц“, реагираат од А.Д. Макпетрол.

Министерот Бектеши уверува дека правилникот за екстра-лесното гориво е во завршна фаза. Пред еден месец Владата ја зголеми акцизата на дизелот за три денари.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...