fbpx

МВР преку единицата за економски и компјутерски криминал ја истражува диво градбата која никна на местото на кафе барот „Фонтана“ во Мавровка. Ќе се утврдува дали има елементи на кривично дело „Бесправно градење“. Полицијата за преземените активности писмено го известила и обвинителството.

„Единицата за економски и компјутерски криминал и понатаму презема мерки и активности во координација и по насоки на ОЈО Скопје, а по завршување на активностите и комплетирање на документацијата до Основното јавно обвинителство во Скопје ќе достави соодветен поднесок, за што дополнително ќе биде известена јавноста“, велат од МВР.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска најави дека од новата влада ќе побара општините да ги носат Деталните урбанистички планови и да издаваат решенија за градба, но инспекторатот за градежништво да биде под капа на градската администрација. Според него на крај обврската да ја урне диво градбата во Мавровка е во единствена надлежност на општина Чаир.

„Мислам дека законодавството е многу јасно. Во таа варијанта општина Чаир е должна да ја отстрани дивоградбата, без оглед дали е познат или непознат градителот на тој објект“, рече Шилегов.

Општина Чаир преку јавни гласила го бара инвеститорот на новата зграда во трговскиот центар Мавровка, за сам да го урне објектот. Доколку не ја урне во наредните два дена, обврската ја презема општина Чаир. За оваа цел објавен е и тендер за уривање диво градби, а која фирма урива ќе се знае во август.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me

Loading...