По неколку обиди, Антонијо Милошоски одлучил да  го прими известувањето од Обвинителството  дека истрагата за „Моќник“ е завршена. Пратеникот на ВМРО – ДМПНЕ, за Алсат потврди дека го добил известувањето, и дека неговите адвокати ќе ги разгледаат понудените докази во предвидениот рок од 15 дена. Доколку и овој пат Милошоски избегнеше да го прими известувањето, Обвинителството  ќе објавеше  на огласна табла дека е завршена истрагата за „Моќник“ бидејќи пратеникот неколкупати беше недостапен за куририте.

Адвокатите на Милошоски за АЛСАТ изјавија дека увидот во доказите ќе го направат дури откако  ќе заврши вонредната состојба. Милошоски е првоосомничен во случајот „Моќник“ во кој се сомничи дека како пратеник го искористил своето влијание за неговиот татко да добие имот од општината Македонски Брод по багателна цена. Истрагата за Моќник е меѓу малкуте случаи на СЈО што добија завршница.  Од Обвинителството не одговорија на прашањата на Алсат зошто истрагите на СЈО тапкаат во место, иако поминаа повеќе од 6 месеци откога се преземени во редовното обвинителство. Покрај обвинителите на СЈО, во истрагите е вклучен и по еден обвинител. Но, тоа засега не го забрза финиширањето на истрагите. Неодамна, Русковска  ваквата ситуација ја оправда со коронавирусот.

 „Предметите и да се готови на пример, што не се, ама и да се готови, предмет кој не е притворски, во судот не ни го примаат обвинението, додека не заврши пандемијата“-изјави Вилма Русковска, шефица на Обвинителство за организиран криминал.

И самата Катица Јанева во судот тврдеше дека истрагите на СЈО биле завшени. Алсат повикувајќи се на извори од обвинителството пред два месеци објави дека при крај се истрагите „Поштенска банка“, „Актор“, „Попис“ и „Друмарина“, но завршница се уште нема. Според новиот закон за судење на овие предмети нема  да се користат бомбите како докази.

 Игор Стефановски

Shpërndaj me

Loading...