fbpx

Минималната нето плата од месецов изнесува 14 934 денари, бруто минималецот пак е 21.776 денари. Овој раст на минималецот од близу 500-ни денари е резултат на усогласувањето со просечната плата и растот на трошоците на живот. Одлуката ќе важи до март идната година кога ќе се прават нови пресметки за нов износ на минималната плата. Новиот, повисок минималец годинава требаше да стартува во април, но беше пролонгиран поради кризата.

„Поради проблемите кои настанаа со Коронавирусот, се донесе  Уредба со законска сила за примена на Законот за минимална  плата за време на вонредна состојба, со која за месеците април , мај и јуни  2020 година, се задржа нивото на минимална плата која се исплатуваше заклучно со месец март 2020 година, во износ од 14.500 денари во нето износ“, рече Ѓонул Бајрактар, заменик министер за труд и социјална политика.

Трендот на раст на минималната плата засега не може да го следат и државните административци. Потребни се законски измени за зголемување на бодовите според кои се пресметува плата на службениците, а тоа сега не е можно бидејќи земјава е пред парламентарни избори, со распуштено собрание и без вонредна состојба во која владата ќе може да носи уредби со сила на закон. Голем дел од државните административци ќе добиваат сума пониска од минималната.

„Пресметката на плати во администрацијата не е иста како во јавниот сектор или приватниот сектор. Законите велат дека платата кај нас се дава согласно образованието, стажот, и нивото на кое се прераспределени. До сега имавме две зголемувања  на минимална плата, а сразмерно со тоа не растеа платите во администрацијата“, вели Трпа Дејаноски, синдикат УПО.

Синдикалците велат дека оние кои нема да добијат минимална плата согласно законот, тоа право ќе може да го остварат само по судски пат. Исплатата на загарантирана минимална плата во земјава важи за работниците во приватниот, но и за вработените под државна капа.

Иле Петревски

 

Shpërndaj me

Loading...