УБК во соработка со криминални групи го организирала насилниот упад во Собранието на 27 април. Ова го изјави еден од обвинетите, Стефан Младеновски кој рече дека со месеци било планирано да не се дозволи промена на власта, а што завршило со упадот во Собранието. Во неговото сведочење, Младеновски рече дека другиот обвинет Александар Василевски – Нинџа бил главен на криминалната група и тоа од 2016 година, кога по предвремените парламентарните избори го подготвиле сценариото ВМРО –ДПМНЕ да не дозволи ја изгуби власта. Тој рече дека наредбите од УБК биле по секоја цена партијата на Никола Груевски да се задржи на власт.

Првиот ден од протестите пред ДИК каде се одлучуваше по жалбите на ВМРО – ДПМНЕ, Нинџа ме повика во една кафеана. Кога јас стигнав таму со мојот брат Михаил, Нинџа беше со Никола Бошковски. Нинџа ни рече дека ако ДИК ги отфрли жалбите на ВМРО ДПМНЕ, упатствата од Владимир Атанасовски се дека насилно треба да се влезе во ДИК и дека таму ќе има лица кои треба да фрлат молотови коктели“, рече Стефан Младеновски, обвинет за настаните на 27 април.

Младеновски опиша детали за целиот настан пред толпата да влезе во Собранието. Еден од вработените во УБК им рекол дека државата е во опасност и треба да се брани. Според него, истото лице му кажало дека сите наредби на Нинџа треба да се почитуваат и спроведат.

Кољо му се јави на мојот брат на 27 април околу 13 часот и не викна да одиме во „Дион“. Стигнавме околу 14 часот, а таму Нинџа беше присутен заедно со неговата екипа од 15 – 20 лица и не извести дека денес е денот. Подоцна во 17 часот и 30 минути го слушав Нинџа како му вели на Кољо дека треба да земат маски, ќе изгледаме пострашни и му даде пари, по што се упативме до продавницата „Камуфлаж“. Некаде околу 18 и 40 часот Кољо ни кажа дека Нинџа рекол да тргнеме кон Собранието и тргнавме со група од околу 50 луѓе. Некаде кај Жена парк, Кољо ни рече дека се влегува во Собрание и да ставиме маски, при што ставија само некои од нас“, додава Младеновски.

Тој раскажа дека откако излегувале од Собранието се сретнал со Нинџа кој му рекол дека и меѓу нив има луѓе кои знаат да пукаат, одговарајќи на шпекулациите дека вооружени Албанци тргнале кон Собранието.

Во еден момент се слушна дека се спремила група вооружени Албанци и тргнала кон Собранието. Тогаш Нинџа отиде да се види со Никола Бошковски. Наводно бил дојден со возило кај Градската болница во кое имало оружје, автоматско и полуавтоматско. Го прашав Нинџа што ќе се случи кога ќе дојдат вооружените Албанци и тој рече дека и тука има луѓе кои знаат да пукаат“, вели Младеновски.

На крајот на сведочењето, Стефан Младеновски рече дека целиот македонски народ и организациите на македонските патриоти биле злоупотребени од Александар Василевски Нинџа кој добиваше наредби од Владимир Атанасовски, директор на УБК до смената на власта во 2017 година.

Shpërndaj me

Loading...