fbpx

На предвремените парламентарни избори може да гласаат 1.814.263 граѓани со право на глас. Се гласа за кандидатски листи на вкупно 15 коалиции и партии. На овие избори во Канцеларијата на народниот правобранител функционира бесплатна телефонска линија 0800 – 54321 на која граѓаните од 7 до 21 часот, кога се гласа, ќе можат да пријават повреда на избирачкото право.

„За целиот период има правници колеги кои ќе одговараат и ќе ги евидентираат јавувањата и ќе се поставува веднаш. Се разбира, со давање совети ли, со директна или непосредна проверка, најчесто по електронски пат или телефонски со општинските изборни комисии, со Државната изборна комисија или со одредени претседатели на избирачките одбори на самите места“, рече Зоран Билбиловски, државен советник во Канцеларијата на народниот правобранител.

Изборниот процес го набљудуваат 2.508 домашни и 98 меѓународни набљудувачи акредитирани од Државната изборна комисија. За изборите освен домашните, информираат и 55 акредитирани странски новинари.  Најмногу набљудувачи има граѓанската асоцијација МОСТ.

„На 696 гласачки места избрани според случаен и репрезентативен примерок ќе бидат распоредени исто толку набљудувачи со што ќе бидат покриени 20 проценти од вкупниот број на избирачки места на територијата на целата држава“, изјави Дарко Алексов , МОСТ.

Невладината ЦИВИЛ ги набљудува изборите со близу 300 набљудувачи. Апелира граѓаните да ги препознаваат лажните вести.

„Ширење дезинформации и лажни веси се врши секојдневно преку фотомонтажи и тотално измислени информации“, рече Џабир Дерала ЦИВИЛ.

Најчеста повреда на избирачкото право што граѓаните ја пријавувале е неможноста да се пронајдат во Избирачкиот список.

Весна Велкова

Shpërndaj me

Loading...