fbpx

Случајот за нарачаните шамари во Центар, на пребеганиот екс-премиер Никола Груевски денеска му донесоа една и пол година затвор. Неговиот некогашен соработник, екс-министерот Миле Јанакиески доби условна казна од една година ако во наредните три години не направи ново кривично дело.

Сѐ уште неправосилните осуди се однесуваат на поттикнување насилство при протестите пред општината Центар во јуни 2013 година, а целта била да се изврши грубо насилство врз тогашниот градоначалник Андреј Жерновски и советниците од редовите на СДСМ.

„…Ги малтретирале, грубо навредувале и им ја загрозиле сигурноста“, рече Душан Јосифовиќ, судија.

Обвинителката Фатиме Фетаи ќе ја обжали ваквата пресуда. Вели дека е задоволна само од фактот дека обвинителството ја докажало вината на обвинетите.

„…Но, не сум воопшто задоволна со делот на казната, а за ова причините ги истакнав порано. За ова ќе има обжалување од наша страна“, рече Фетаи.

Ќе се жали и одбраната на Јанакиески. Ќе се бара тој да биде ослободен од вина.

„Сметам дека и неговата заложба е да докаже дека не е виновен и дека не ги презел дејствијата коишто му се ставаат на товар, а тоа би значело дека најверојатно ќе пишуваме жалба“, рече Еленко Миланов, адвокат.

Условна казна добија и учесниците во протестите пред Општина Центар. Александар Трајковски, кој го посети Груевски во Будимпешта, нема да ја служи деветмесечната затворска казна ако наредните три години не направи ново кривично дело. Пред три дена од обвинение беше ослободена тогашната советничка во Центар од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова. Денешната пресуда е прва за Јанакиески, а втора за екс-премиерот Груевски.

Игор Стефановски

 

Shpërndaj me

Loading...