Нема сите граѓани да добијат можност да го одложат плаќањето на дел од ратите за кредити. Самите банки се тие кои ќе одлучуваат каква понуда ќе им дадат на своите клиенти.

Според неофицијалните информации до кои дојде Алсат, управните одбори на банките ќе донесат одлука за мораторум од 3 до 6 месеци на сите кредити, но тоа нема да важи за оние за кои ќе проценат дека не се погодени од корона-кризата. Според Уредбата која доцна синоќа помина на владина седница, на граѓаните, но и на фирмите, банките ќе им понудат:

НБРМ:

– одложување односно грејс-период за отплата на кредитите;

– пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период;

– пониска каматна стапка и сл.

Уредбата ќе важи за потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити и сл., кредитни картички, дозволено пречекорување или минусна плата и кредити кои се подигнати од страна на фирма. Но, сè уште останува нејасно врз кои критериуми банките ќе одлучуваат какви понуди ќе нудат.

„Со Уредбата е пропишано банките и штедилниците да ги применат достапните мерки на своите интернет страници или преку писмена или електронска комуникација, да ги известат клиентите за понуда која ќе вклучува промена на условите за сервисирање на кредитната изложеност или да одлучуваат по секое поединечно барање доставено од должниците“, велат од Македонската банкарска асоцијација.

Според владината Уредба, откако определената банка ќе донесе одлука која ќе биде понудата, а граѓаните во рок од 10 дена не ја известат банката дали понудата ја одбиваат, тогаш ќе се смета дека понудата е прифатена. Додека пак, фирмите ќе треба во рок од 10 дена да ја известат банката дали понудата е прифатена. Ако не го сторат тоа, тогаш тоа ќе значи дека ќе продолжат да ги плаќаат ратите како и досега.

Андреа Чобанова

Shpërndaj me

Loading...