Норвешкиот Нобелов Комитет одлучи Нобеловата награда за мир за 2019 година да му ја додели на етиопскиот премиер Абиј Ахмед Али…

Етиопскиот премиер е награден поради напорите да се постигне мир и за решавање на пограничниот судир со соседна Еритреја, се наведува во образложението на наградата. Тој беше избран од листата од околу 300 номинирани личности и организации и се сметаше за еден од фаворитите.

А, меѓу кандидатите беа и нашиот премиер Зоран Заев и екс-премиерот на Грција, Алексис Ципрас. Нив лани во декември ги номинираше поранешната добитничка на наградата од 2015 година, Тунижанката Уидед Бушамауи и тоа поради потпишувањето на Преспанскиот договор и затворањето на речиси тридеценискиот спор за името.

Таа дојде во Скопје и Атина, а Заев и Ципрас со задоволство ја прифатија номинацијата со тврдење дека договорот доведува до помирување меѓу Скопје и Атина и ги отвора перспективите меѓу двете земји. Инаку, имињата на нобеловите лауреати се објавуваат секогаш меѓу 7 и 14 октомври. Паричната награда за Нобеловата награда за мир за годинава изнесува околу еден милион долари. Свечената церемонија на доделувањето ќе се одржи на 10 декември во Осло, Норвешка.

Shpërndaj me

Loading...