Нови 126 лица се потврдени како заразени со коронавирусот во последните 24 часа, со што вкупниот број на заразени достигна 6.334. Само во јуни, во Македонија дури 4.000 граѓани се инфицираа со Ковид 19. И понатаму се активни 3.557 случаи. Од денешните податоци, 66 од новите случаи се во Скопје, 19 во Тетово, 15 во Штип, додека во другите градови се регистрира едноцифрен број на заразени лица.

Во исто време има 4 починати. По еден во Скопје, Тетово, Прилеп и Гостивар. Вкупниот број на жртви во нашава земја сега веќе е 302, од кои 171 пациент починаа во текот на месецов кој изминува.

Во болниците моментално се лекуваат 403 лица и тоа 92 на Клиниката за инфективни болести, вклучувајќи ги тука и 18-тте пациенти примени во текот на последните 24 часа. Од нив, 43 се на терапија со кислород.

Во болницата Козле се хоспитализирани 23 возрасни пациенти, 3 деца и четворица со симптоми на вирусот. Најголем број пациенти има во „8 Септември“, 128, од кои 18 се примени во текот на ноќта. 11 се на апарат за дишење. 45 пациенти има во болницата во Битола, 33 во Штип, а 75 во другите градови.

Денеска бројот на оздравени е 48. Од нив, 43 се во Скопје, тројца во Ресен и по еден во Штип и во Битола. Вкупно како излекувани се водат 2.475 пациенти.

Во последново деноноќие беа направени 1.140 тестови, а тој број од почетокот на пандемијата изнесува 60.773.

Еви Шкопи

Shpërndaj me

Loading...