fbpx

Македонија е рангирана меѓу земјите со најлоша буџетска транспарентност во светот, соопшти денеска Центарот за економски анализи (ЦЕА), повикувајќи се на истражувањето „Отворен буџет (ОБИ) 2017“ на Меѓународното буџетско партнерство (МБП).

Според ЦЕА, по ерозијата на фискалната дисциплина и широката злоупотреба на претходната влада пред предвремените парламентарни избори кога државата беше етикетирана како „заробена“, најголемиот независен глобален извештај откри дека новата Влада на Македонија може да ја подобри транспарентноста на брз начин, со мали трошоци и напор.

– Иако многу е направено по смената на претходната влада која ја еродираше фискалната дисциплина и транспарентност, уште многу треба да се направи. Македонија треба да го подобри Предлог-буџетот и да понуди повеќе буџетски информации, да обезбеди повеќе учество на граѓаните во буџетскиот процес и да го зајакне надзорот на буџетите и кај законодавецот и кај државната ревизија, рече претседателот на ЦЕА Марјан Николов на прес-конференција.

Според него, Македонија е со резултат нула во оценката на ОБИ за тоа дали Владата и овозможува на јавноста учество во буџетскиот процес.

– Без можност за активно учество на граѓаните, особено на маргинализираните или ранливите категории, буџетскиот систем може само да им служи на моќните елити. Владата, Собранието и Државниот завод за ревизија мора да преземат мерки за да се подобри вклученоста на граѓаните во буџетскиот процес и во буџетскиот циклус, потенцира Николов.

Потенцијална закана за Македонија, додаде претседателот на ЦЕА, е тоа што нема силен систем и пракса на буџетска отчетност поради што се загрозени можностите за остварување развојни цели.

– Владата мора да го подобри обемот на информациите во буџетските документи, а Собранието треба да ја зголеми можноста за вклучување експерти и граѓани кои заедно со пратениците ќе ги дискутираат ревизорските извештаи. Државниот завод за ревизија, пак, мора да овозможи потранспарентна вклученост, подвлече Николов.

ОБИ 2017 опфаќа 115 земји, а краен рок за пополнување на прашалникот беше 31 декември 2016 година. Македонија учествува во ова истражување од 2008 година.

Shpërndaj me

Loading...