fbpx

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска нагласи дека е убеден оти стратешки интерес на Република Бугарија е Северна Македонија да биде дел од Европската Унија и верува дека сите разлики ќе ги вратат во рамката преку интензивна комуникација и преку продолжување на работата на комисијата.

– Убеден сум дека пристапот е интензивирање на комуникацијата. Секогаш кога има геп во комуникацијата нешто друго го пополнува јазот. Јазот го пополнуваат недозразбирањата, предрасудите, различните надворешни влијанија, и тој се создава секогаш кога вие ќе прекинете со комуникација. Сметам дека најважно е сега да ја воспоставиме интензивната комуникација за да го скратиме јазот кој некој друг би можел да го пополни со друга агенда, рече Османи во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Министерството за надворешни работи на која ги изнесе приоритетите во надворешната политика следниве четири години.

Тој посочи дека во разговор со шефот на бугарската дипломатија Екатерина Захариева се договориле дека треба да се интензивира динамиката, да се договорат средби на највисоко можно ниво, да продоли работата на комисијата и да инсистираат целата комуникација, разговорите меѓу двете држави и надминувањето на разликите да бидат во рамките на инструментите кои ги предвидува Договорот за добрососедство.

Нагласи дека бугарскиот меморандум отстапува од принципите на кои се заснова Договорот кој е потпишан со Бугарија, а чија цел, како што наведе, беше токму тоа – да се создаде рамка, да се создаваат инструменти каде можат да се надминат разликите кои постојат меѓу двете земји низ децениите.

– Не велам да се стави приоритет на едната врз другата, туку историски се покажа дека додека двете траектории – развивањето на политичките, економските и културните односи и решавањата на разликите во толкување историските настани, додека беа испреплетени, додека немаше рамка, додека не постоеја инструменти, ниту едната ниту другата не произведуваше резултат. Ниту имавме успех во решавање на некои дилеми и разлики во толкувањето на историјата, ниту во продлабочување на односите, рече Османи, додавајќи дека со Договорот за добрососедство се направи пресврт во нашите односи со Република Бугарија.

Тој смета дека не смее да се дозволи вакви отстапки во рамката која е создадена, да ни го одвлече вниманието и комплетно да не оттргне од „важниот мост што сме го изградиле“.

– Имаме стратегија, знаеме што правиме, ги имаме црвените линии на бранење на националните, државните интереси. Јас цврсто стојам на бранењето на тие интереси и бидете убедени дека како што паметно сме успеале да стигнеме до одлука за отпочнување на преговори, така и ќе ги започнеме преговорите, нагласи Османи.

Додаде дека Комисијата треба да продолжи да работи и нејзините членови искрено да разговараат, надвор од стегите на политиката, врз основа на автентични историски податоци и да најдат начин на интерпретирање, како што веќе нашле за за пет до шест важни историски фигури.

Османи рече дека планира со опозицијата да има отворена и директна соработка, но доколку идејата за соработка е искрена.

– Доколку идејата е искрена соработка, давам рака на поддршка со сите, доколку идејата е од ова да се направи шоу, од ова да се добиваат политички поени, тоа нема да го дозволам и нема да бидам дел од добивање на политички поени во вакви историски моменти за државата и за вакви прашања, посочи Османи.

Shpërndaj me

Loading...