fbpx

Со почит за Илинденците и значајните крушевчани, со подигнување на бајракот на Крушевската Република на Гумење, со читањето на Манифестот на Крушевската Република, со испукување на црешовото топче пред Македониумот и со мерки за заштита за присутните, синоќа во Крушево, пред Македониумот беше означен почетокот на Научно-културните средби „10 дена Крушевска Република“.

Обраќајќи им се на крушевчани и на гостите пред Македониумот, крушевскиот градоначалик и претседател на Манифестацијата „10 дена Крушевска република“ Томе Христоски, нагласи дека Илинден е празник на сите нас, празник на минатото, сегашноста и иднината. Го одбележуваме во несекојдневни услови на пандемија, но тоа, рече, не нѐ спречува да го чествуваме достоинствено.

– Продолжуваме да го негуваме Илинденското наследство, наследство кое е основата на нашето постоење. 117 години достоинствено одбележуваме херојство, жртва, победа за Македонија, 117 години минато за светла иднина на Крушево. Во несекојдневни услови го одбележуваме овој Илинден. Коронавирусот го обзема нашето секојдневие, но не нѐ спречува достојно да го одбележиме овој голем празник на Македонците и сите граѓани, сите народи, основоположници на нашата држава, рече Христоски.

Илинденското востание игра голема улога во историјата, културата и традицијата на Крушево и државата. Врз основа на тоа ги базираме нашата работа, многу од нашите манифестации, перспективите за иднината.

– Тоа е основата на нашето мултиетничко живеење. Илинден е празник на борбата за подобро утре, за светла иднина на нашите деца, за зачувување на нашиот јазик, нашиот идентитет, нашата држава. Нешто што успеавме да го запечатиме во меѓународни рамки за денес да бидеме партнери со напредокот. Ова е празник на меѓусебно почитување, толеранција и прифаќање на различностите.Денес го живееме сонот на Илинденците, а нивната жртва нѝ дава обврска да се потрудиме да создадеме подобро утре за општината, за сите наши граѓани, за најмладите, за повозрасните на кои им должиме подеднакво, порача Христоски.

Христоски смета дека патриотизам е почитување на соседот, на различниот од нас, како и работата на проекти за развојот на Крушево. Само така ќе се почитува Манифестот на Крушевската Република.

За заштитата на присутните се грижеа 25 редари одредени од општината. Низ градот и на Гумење поминаа Илинденските коњаници од Охрид, Лисиче, од Бигорски поздравени од присутните.
Делегации на општината и на Манифестацијата „10 дена Крушевска Република почит им оддадоа на Питу Гули, на хероите на Партизанските гробушта, на Тоше Проески. Свежо цвеќе положија во Криптата и пред спомен обележјето на Веле Марков.

Инаку, вчера беше отворен и четвртиот по ред летен фестивал „Кога си во Крушево“. Се пријавија преку 200 учесници кои наредните 10 дена ќе може да рекреираат преку богатите содржини на Фестивалот: планинарење, возење велосипед, пешачење, виртуелни трки со примена на сите мерки за заштита.

Во Крушево за празникот има посетители од повеќе градови од земјава.

Денеска, на празникот, од 10,30 часот државни делегации и делегации на Општината, на политички партии и здруженија ќе се поклонат пред гробот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев во Македониумот, пред спомен-обележјето на Слива, а централното чествување е напладне на Мечкин Камен каде ќе се обрати потпретседателот на собранието Горан Мисовски.

Shpërndaj me

Loading...