fbpx

Кризата со пандемијата ги исцрпи бизнисите во земјава и во пикот на летната сезона. Отсуството на печалбарите доведува речиси до банкрот во многу мали претпријатија. Најлошо поминува индустријата за организирање свадби и други свечености што претставува голем ланец на бизниси зависни од дијаспората.

„Во мојата сфера сме многу оштетени, почнувајќи од март ние сме блокирани, сите резервирани свадби се одложени. Од минатата година до годинава работата ни опадна за 90% бидејќи нема свадби, нема интерес ниту за фустани, ниту за други работи кои се потребни за свадби“, рече Салие Муладаути, модна дизајнерка.

„Печалбарите годинава речиси воопшто не дојдоа или само мал број од нив. Оние коишто се тука се знае дека поради епидемијата не работеле 2-3 месеци затоа имаат мал буџет и заинтересираноста е многу ниска“, вели Муша Џафери, златар.

„Доколку продолжи вака може половина од Чаршијата да не постои и да оди во ликвидација, да остане на социјална помош или ќе бидеме принудени и ние да одиме на печалба“.

Отсуството на печалбарите видно влијае врз домашната економија, согласни се експертите. Пресметките во овие 6 месеци се дека Македонија изгубила речиси половина милијарда евра само од дознаките од странство.

„Дознаките се многу важни и претставуваат голема финансиска вредност која влегува во економијата на земјата. Главно овие приходи ја зголемуваат вкупната потрошувачка, каде како последица на тоа, доаѓа до директна помош кај деловните субјекти и кај економијата воопшто”, изјави Дурим Зеќири, Стопанска комора на Северозападна Македонија.

Благ раст беше забележан во платниот биланс во првиот квартал споредено со истиот период минатата година. Народната банка годинава регистрира раст на приходите од 2,26 милиони евра.

Ваквиот пораст на трансферите на пари преку банките експертите од ова поле го поврзуваат со отсуството на печалбарите кои обично носат готовина со себе и вообичаено тука сосема ја трошат. Според извештајот на Народната банка на РСМ во текот на минатата година биле трансферирани над 195 милиони евра од личните приходи на печалбарите од целиот свет во нашата земја.

Аднан Ќаили

Shpërndaj me

Loading...