Поради пандемијата, прекинати се речиси сите спортови во земјава и светот. Голем дел од спортистите, физичката форма ја одржуваат дома во изолација. Но, дел од домашните спортисти се во државен карантин по враќањето од европските земји. Боксерот Јасин Лама и неговиот колега Гоце Јанески се во државен карантин по враќањето од Лондон каде се одржа квалификациски турнир за Олимписките игри во Токио.

„За нас не е тешко бидејќи имаме месечни подготовки кои се слични како карантинот. Деновите ги поминуваме гледајќи филмови, лесни припреми, условите се добри. Имаме насоки како да вежбаме, имаме соопштение од боксерската федерација дека одложени се сите турнири за оваа година и немаме потреба од големи припреми“, вели Јасин Лама- боксер од Македонија.

На Лама и Јанески им остануваат уште десет дена државен карантин, по што ќе се тестираат дали се заразени од Ковид 19. Во меѓувреме, во полесен карантин се наоѓа и капитенот на ФК Шкендија, Арменд Алими кој е со своето семејство, но во Куманово, во вториот град со најмногу случаи во Македонија.

„Се наоѓаме во тешка ситуација за нас и за сите. Се трудиме активно да го поминеме времето. Моментално е важно само здравјето. Повеќе време поминуваме со членовите на семејството. Во време кога немаме тренинзи, имаме програма од тренерите. Дома ја одржуваме кондицијата и физичката активност. Работиме според таа програма, но малку е тешко“, рече Арменд Алими- капитен на ФК Шкендија.

Спортистите апелираат сите да ги почитуваат препораките и мерките на Владата.

„Мојата препорака е да останеме дома, да не излегуваме без потреба. Да се чуваме ние и нашето семејство. Да одржуваме хигиена и заедно ќе го пребродиме ова“, рече Јасин Лама.

„Треба да ги почитуваме препораките на лекарите и експертите. Треба да се држиме до тие мерки, да правиме дезинфекција, чистење и така натаму“, додава Алими.

Двајцата спортисти едвај чекаат да помине кризата со пандемијата Ковид 19 за да се вратат на спортските активности.

Махир Тачи

Shpërndaj me

Loading...