Бараката број 12 на улицата „Босна и Херцеговина“ во Бутел нема да се руши. На терен го немаше ниту багерот. Стопирани се сите градежни работи со одлука на Акционерското друштво за стопанисување, откако Алсат објави дека на улица ќе останат дел од луѓето кои живеат во државната барака. Планот беше овде да се изгради социјална зграда со 312 станови.

„АДСДП како општествено одговорна компанија одлучи да не ја урне предметната барака. Нашето Друштво нема да дозволи ниту едно лице да остане без покрив над главата, посочи Генералниот директор Кристијан Трајковски. Ова практично значи дека нема да бидат превземени какви било активности се до конечното решавање на статусот на сите лица“-велат од АДСДП.

По најавите за уривање на бараката, семејствата кои живееа тука се спротиставија на багерот.Министерството за труд и социјална политика им понуди  сместување во Заводот за згрижување „Ранка Милановиќ“, но само по неколку часа поминати во домот, дел од лицата се вратија назад.

„Таму врата немаше. Децата ми  ги влечеа. – Други луѓе што се сместени таму? – Да. Таму што нè сместија е за никаде. Ништо нема. Катастрофа. Полошо е од тука“-рече Фирдис Исеновска, граѓанка.

„Од државата очекувам да ме смести како што треба. – Со семејството, со жената и децата? – Со семејството, со децата, со жената и мене. Јас сум од астма болен“-рече Осман Реџеп, граѓанин.

Од Министерството за труд негираат дека условите за живот во домот се лоши. Од скопскиот  центар за социјални работи биле на терен и соопштија дека три лица кои живееле во бараките останале во домот, а се вратило четиричленото семејство. Исто така, од таму додаваат дека во домот би останале до летото, а потоа ќе можат да побараат и стан.

Игор Стефановски

Shpërndaj me

Loading...