Од владините економски мерки бенефит нема никој, обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според него, најголемиот дел од парите кои би требало да ги добијат стопанството и граѓаните, треба да се случи или во предизборие или пак после изборите. Со тоа обвинува дека се врши класичен предизборен поткуп. Мицкоски ја повика и Антикорупциска да спроведе истрага околу мерките на Владата.

„Сите овие вонредни исплаќања на плати, пензии, социјална помош и други исплати и материјални надоместоци кои не се редовни месечни примања се кривично дело и казниво со закон и законска казна од минимум пет години“, рече Мицкоски.

Но, премиерот Спасовски останува на ставот дека со сите три сета на мерки им се помага на граѓаните и на стопанството. Изјавите и обвинувањата на Мицкоски ги смета за несериозни.

„Ќе опфати вкупно околу 770 илјади граѓани во државата. Ќе имаме 5,5 отсто од БДП кој ќе го дадеме на компаниите и на граѓаните за да можеме успешно да ја сочуваме економијата и да може успешно да ја рестартираме“, рече Спасовски.

Власта и опозицијата и денеска со предизборни говори. Првите убедуваа дека позитивните резултати се видливи и оти граѓаните ги препознаваат, а опозицијата најавува враќање на рамниот данок и тоа од осум отсто, раст на платите и изградба на инфраструктура.

Иле Петревски

Shpërndaj me

Loading...