Техничкиот премиер, Оливер Спасовски денеска го презентираше третиот пакет економски мерки. 335 милиони евра од буџетот се наменети за помош на 730 илјади граѓани. Во првиот столб планирано е 100 илјади граѓани да добијат по девет илјади денари преку платежни картички. Ќе можат да ги користат невработени лица, оние со месечни примања до 15 илјади денари, невработени и граѓаните кои примаат минимална помош од државата. Ќе можат да купуваат домашни производи и да плаќаат услуги кај домашни услуги. За ова се планирани 16 милиони евра.

„Со оваа мерка се зајакнува домашната потрошувачка со фокус на домашните производи и услуги. Се зголемуваат безготовинските плаќања и со тоа се намалува сивата економија, но пред се зголемува куповната моќ на граѓаните“, рече Спасовски.

Дополнително планирани се по 100 евра за 100 илјади граѓани во форма на ваучери за летување низ земјава. Ќе важи за вработени кои немаат плата поголема од 250 евра и немаат дополнителни приходи. За младите предвидени се ваучери од 6 илјади денари – за партиципација на факултет или за сместување во студентски и ученички домови за деца од семејства со ниски приходи.

За млади до 29 години планирани се по 500 евра за ИТ обуки, а се однесува за 7 до 10 илјади лица. Планирани се викенди без ДДВ во продавници за облека, бела техника, мебел како и пари за оние кои останале без работа помеѓу 11 – ти март и 30 – ти април. Пакетот не бил предизборен поткуп, велат од владата, како одговор на опозицијата.

„Ние имавме закажани избори за 12 – ти април кога немаше КОВИД и здравствен криза. Зошто тогаш не ги носевме мерките и да кажеме дека ќе донесеме вакви мерки што ќе им ги дадеме на граѓаните“, додаде Спасовски.

Опозицијата и денеска повторно обвини дека, мерките на владата се еднократен поткуп на граѓаните и обид да ги купи со не суштински мерки. ВМРО – ДПМНЕ обвинува дека во денешниот сет мерки нема помош за стопанството и се остава опасност фирми да пропаѓаат, а илјадници работници да останат без работа.

Бојан Стојановски

Shpërndaj me

Loading...