fbpx

Санацијата на колекторскиот систем на струшкиот дел од Охридското езеро, ќе чека пари од европските фондови. Со првичниот проект кој заврши на почетокот на август, беше реконструиран цевководот на колекторот на охридска страна во должина од три километри, вклучувајќи ги и четирите критични точки од кои во минатото редовно се излеваа фекалии во езерото, но остана делот кај  населбата Грашница, каде секое лето редовно се излеваат фекалии во езерските води.

„Во разговор со Владата, веќе се планира преку европските фондови да се обезбедат средства, со кои ние ќе продолжиме со санирање на колекторскиот систем. За многу бргу сакаме да продолжиме со чистење  према струшката страна каде нема толку проблеми, како што имаше на охридската страна. Во Струга делот околу Калишта треба да се среди и пречистителната станица. Функционира, но не со максимален капацитет“-изјави Владимир Алексиески-директор на ЈП Колектор.

Еколозите велат, дека ова не значи дека проблемот е решен. Сметаат дека е потребен комплетно нов колекторски систем,кој би се градел парцијално,а за кој пари би се обезбедиле преку меѓународни извори на финансирање. Предлагаат одржување на донаторска конференција.

„ Проблемот го гледаме во тоа што тој тогашен колектор со тој пречник на цевки неможе да одговори на потребите на системот. Неминовно ќе треба комплетна не реконструкција туку изградба на нов.Со поголем пречник, за да ги прими тие отпадни води“-рече Борче Стојаноски-еколошко друштво Грашница.

Но директорот уверува дека со санацијата, проблеми со колекторот изграден пред повеќе од три децении, нема да има во наредните педесет години. Во текот на работите на одредени места наишле и до 100 % запушување на системот со разни материјали. Затоа сметаат дека е потребна поголема грижа и од граѓаните.

„Од градежен шут, искршени камења фрлани.Со тони влажни марамици и најмногу имаше корења кои беа навлезени во цевководот, а на одредени места имаше и комлпетно сто постотно запушување, иако на тие места профилот на цевката знаеше да биде и 800 милиметри. Имаше делови каде Фи 800 цевка беше 4,5 метра комплетно обрасната и запушена“-истакна Владимир Алексиески-директор на ЈП Колектор.

Во оваа фаза било интервенирано и во репарирање на 20 препумпни станици. Вкупно биле потрошени 4,2 милиони евра.

Мики Трајковски

 

Shpërndaj me

Loading...