Чудно е времето во кое живееме. Cе чини дека се е наопаку.
Не ги препознаваме вистинските вредности, имаме погрешни идеали, изместени се границите на моралот.
Исто така не го изоставаме фактот што се почесто наместо ние да размислуваме со нашата глава допуштаме некои „стручњаци“ тоа да го прават за нас, за работи кои би требало ние да донесеме одлуки.

Генерално сме како стадо овци и се водиме по некоја однапред дадена идеја или пак следиме некој, па ако случајно не ни се допадне таа идеја почнуваат да не сметаат за луди или глупави и веднаш стануваме црната овца во друштвото или околината.
Луѓето всушност од страв да не бидат прифатени се повлекуваат во тишина. Неспособноста на човекот да биде она што е, го прави депресивен и несреќен.
Секое изјаснување на сопстевното мислење понекогаш го чувствуваме како меч со две острици, бидејќи ние луѓето, само чекаме некој да погреши и да ги искаже своите фрустрации.

Луѓето на околу постојано се замараат со туѓите одлуки и живот освен со својот. Кога велиме за туѓите животи се мисли и на одлуките и постапките на нашите пријатели. Од нив постојано бараме објаснување за секој нивен чекор што всушност и не е наша работа освен ако тие не побараат мислење на тоа.
Но, всушност ние не сме научени да стојме настрана од туѓите проблеми и случувања.

Прашањето всушност е дали ние имаме право на тоа?
Сетете се на работите што сте ги направиле во вашиот живот, а за кои немате никакво објаснување, а сакате некој постојано да е до вас дури и во моменти кога не се разбирате себеси. Ова обидете се да го направите и за другите.
Причината за тоа зошто луѓето денес се повеќе се оддалечуваат едни од други е токму поради тоа што се уморни да даваат објаснувања за кои што и тие не се сигурни.
Да се биде пријател всушност значи да знаете да слушате и да сте тука безусловно. Не е потребно за секоја ситуација да имате супер совет. Обидете се на луѓето околку вас да им дадете прилика да се чувстуваат убаво и спокојно, без осудување. Дајте им прилика да се ослободат и бидат онкви какви што се.

Она што не го разбираме во ниту еден случај не треба да го мразиме. За многу работи во животот сме рекле дека нема да ги направиме па повторно сме ги направиле, на истиот начин треба да имаме разбирање и за другите.

Да бидеме она што сме сепак најмногу зависи од нас самите. Потребно е храброст, труд и верба во себе, за во светот каде што денес живееме да го пронајдеме нашето место. Едноставно треба да сме свесни дека на овој или оној начин околината секогаш ќе наоѓа начин да осудува било кој за било што.

Она што ние треба да имаме на ум е следното:

„Што ние добиваме со мислењето на другите“?

Туѓите мислења не ги плаќаат сметките во банка, ниту пак донесуваат среќа во животот. Да се биде свој може да чини многу, но тоа е најдоброто чувство на светот.
Виктор Хуго еднаш рекол: „најголемата среќа во животот е вербата да се чувствуваме сакани- сакани и прифатени на начин какви што сме“.

 

Shpërndaj me

Loading...