fbpx

 

По протестите и заканите за граѓанска непослушност, властите во Струга помогнати од други институции почнаа со гаснење на пожарот во депонијата. За цистерните и пожарникарите да можат да стигнат до сите критични места работат булдожери и друга тешка механизација. Како што дознава Алсат, не се исклучува можноста за активирање и на армијата наредните денови доколку со постоечките сили и капацитети проблемот не се среди. Сепак, градоначалникот на Струга е оптимист дека санацијата на депонијата може да заврши до крајот на овој месец.

„Ме прашавте за другата фаза. Идејата е да ставиме хумус, па потоа земја и тампон и на крај пак хумус, на кој ќе се посади зеленило. За отпадот мора да најдеме локација заедно со владата на Македонија, каде би можеле да го носиме отпадот.“ – изјави Мустафа Забзун- в.д градоначалник на Струга

Од Дирекцијата за заштита и спасување е побарано да се вклучат со авиони за гаснење на пожарот доколку има потреба од тоа. Околу депонијата во Струга се судри и политиката. ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ и коалициските партнери дека од Охридското езеро прават депонија и ја загрозуваат туристичката сезона. СДСМ одговори дека проблемот со струшката депонија бил децениски во време кога на власт било и ВМРО. Граѓаните на Струга очекуваат решение, но не се оптимисти дека политичарите ќе го најдат.

„За овој проблем дискутиравме сега со пријателите, меѓутоа овој проблем бара долгорочно решение, а не краткорочно. Бара од општинските власти и политиката поголема посветеност затоа што овој проблем нè засега сите што поскоро да се реши.“

„Имаме искуство од порано со политичарите. Ветеното не го остваруваат. Струга како туристички град има потреба од чист воздух, а спротивно на тоа ние се задушуваме во нечист воздух и тоа ù штети на државата, на градот и на сите нас.“

„Не верувам дека ќе го решат проблемот. Тие како прво не можат да најдат долгорочна локација. За тоа треба инвестиција. Планината Каорман е огромна и може да се најде локација.“ – велат дел од граѓаните

По завршувањето на гаснењето на пожарот, дополнително ќе се одлучува која би била следната фаза. Инаку целата депонија се просторира на површина од 14 илјади  метри квадратни.

Мики Трајковски

Shpërndaj me

Loading...