fbpx

Обвинети и обвинители не доаѓаат на закажаните судењата. Поради оваа причина најчесто се одлагале рочиштата во најголемиот, скопскиот Кривичен суд. Во првите шест месеци од годинава, биле закажани над 10.000 судења, статистиката на скопска „единица“ бележи 30 отсто одлагање на процесите или над 3.000. Најмногу случаи на одложени судења има бидејќи не дошле обвинетите во предметите, 43 отсто или 1.418 одложени судења. 15 отсто неодржани рочишта има бидејќи не дошол јавниот обвинител или на 485 судења.

28 отсто од случаите или над 900 судења се одложиле од причини како што се неспорвод на обвинети, немање технички услови за одржување на рочиште, меѓу другото и ако предметот се наоѓа во повисоките судови, Апелација или Врховен. Во кривичен, рочишта се одлагале и доколку не дошол сведок, вештак, а има еден случај и на неуредно повикани обвинет и обвинител.

Коалицијата „Сите за правично судење“ излезе со статистика дека 60 отсто од судењата во овој суд се одложиле. Станува збор за предмети од организиран криминал, статистика чие мониторирање било од април до октомври годинава. Бројките бележат мало подобрување за разлика од лани, вели правникот Дарко Аврамовски. И невладината организација за фер судење забележала дека најмногу на рочиштата не доаѓаат обвинетите. Но, дали обвинетите имаат скриени намери?

„Не би можел да кажам во името на обвинетите која е нивната идеја позади ваквите отсуства, дали истите се оправдани или не, тоа останува судот да го цени, да процени дали навистина обвинетиот оправдано отсуствувал“, вели Дарко Аврамовски, коалиција „Сите за правично судење“.

Аврамовски предлага судот поажурно да ги закажува судските процеси и да нема случаи кога на еден обвинител или обвинет во ист термин му се закажани повеќе од едно судење.

„Дефинитивно е неопходно да се зголеми буџетот на судовите, меѓу другото и буџетот на јавните обвинителства, потребно е истите кадровски да се екипираат соодветдно како би можеле да имаат доволен број на капацитети за да постигнат, да нема преклопување на судењата, да има технички услови на судењата итн…“, додава Аврамовски.

Министерката за правда Рената Дескоска веќе ги предупреди претседателите на судовите да вршат надзор на работата на судиите. Ако судиите не закажуваат рочиштата, а шефот на судот знае за тоа, но не го пријавува во Судскиот совет, според Дескоска, тоа е основ за поведување постапка за разрешување од функцијата претседател на суд. Јавноста се сеќава дека судењето за нарачаните шамари во Центар се врати одново, бидејќи 90 дена немаше закажано рочиште. На експремиерот Никола Груевски, пак, му застаре кривичното делото случајот „Траекторија“ за кинеските автопати.

Игор Стефановски

 

Shpërndaj me

Loading...